Македонија

Уставен суд: Активно постапуваме по предметите за платите на јавните обвинители

Уставен суд: Активно постапуваме по предметите за платите на јавните обвинители

Уставниот суд сè уште ги разгледува оспорените законски одредби што се однесуваат на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители. Во моментов се водат постапки по три предмети, а Судот презема дополнителни дејствија за утврдување на сите релевантни факти и правни околности пред донесувањето конечни одлуки.

Во одговорот до медиумите, објавен на 21 октомври, од Уставниот суд информираат дека станува збор за предметите У.бр.71/2025, У.бр.74/2026 и У.бр.115/2026. Иницијативите се поднесени од Здружението на јавните обвинители, преку претседателот Елвин Вели, и од Советот на јавните обвинители, преку претседателот Башким Бесими.

Од Судот наведуваат дека активно постапуваат по предметите и дека се преземаат потребните дејствија за подготовка на темелен и аргументиран реферат, врз основа на кој ќе се одлучува за оспорените законски одредби.

Во врска со предметот У.бр.71/2025, Уставниот суд на седницата одржана на 24 декември 2025 година повел постапка за оценување на уставноста на измените на законите за платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители, објавени во „Службен весник“ бр. 272/2024.

На седницата одржана на 11 март 2026 година, Судот ја запрел постапката за оценување на уставноста на измените на Законот за платите на јавните обвинители од 2024 година, поради исцрпеност во примената на законот.

На истата седница, предлогот за поведување постапка за оценување на уставноста на новите законски измени од 2026 година, објавени во „Службен весник“ бр. 39/2026, не го добил потребното мнозинство гласови. Предлогот се однесувал на законите за платите и на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители.

Дополнително, предметот У.бр.71/2025 бил повлечен од дневниот ред на 22. седница, одржана на 23 септември 2026 година, заради дополнително утврдување на фактичката и правната состојба.

Од Уставниот суд посочуваат дека и по овие предмети, како и по сите други постапки, работат согласно Актот на Судот, со цел целосно утврдување на фактичката состојба и донесување одлуки врз основа на уставно-правна анализа.

Во соопштението се потсетува и дека Судот во моментов функционира со осум од предвидените девет уставни судии.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни