Најмладиот милионер во државата е дете на возраст од четири години, кое остварило над еден милион денари од дивиденда, додека највозрасниот граѓанин со доход над еден милион денари има 97 години, покажува анализата на Управата за јавни приходи.
Четиригодишното дете остварило дивиденда исплатена од една банка. Кај највозрасниот милионер, УЈП евидентирала доход од 1,1 милион денари, станува збор за пензионер кој приходите ги остварил од пензија, но и од други основи.
Анализата покажува и дека највисоката плата исплатена во 2025 година изнесувала речиси 190.000 евра месечно во бруто-износ. Таа била исплатена во секторот вадење камен и јаглен, а на годишно ниво надминува 2,2 милиони евра. Тоа е околу два проценти повеќе од лани.
Петте највисоки плати биле исплатени во Скопје, во секторите аптеки, трговија со тутун, храна и пијалаци, болници и трговија со фармацевтски производи.
Податоците покажуваат дека Скопје учествува со 36 проценти во вкупниот број годишни даночни пријави, но со 43 проценти во остварениот бруто-доход. Просечниот годишен доход по пријава, односно по граѓанин во главниот град, изнесува 846.000 денари и е највисок меѓу регионите.
Најмногу пари надвор од плата, како дополнителен приход, пријавил скопјанец кој лани инкасирал речиси два милиони евра. Воедно, најмногу приходи од дивиденда биле исплатени од фирми во Гевгелија, Охрид и Арачиново.
Извештајот на УЈП бележи и раст на бројот на годишните даночни пријави. Во 2025 година биле изготвени над 863.000 пријави, што е зголемување од 10,6 проценти во однос на претходната година.