Магазин

Швајцарско село им нуди до 70.000 франци на семејствата за да ги задржи жителите

Швајцарско село им нуди до 70.000 франци на семејствата за да ги задржи жителите

Можност за финансиска поддршка од дури 70.000 швајцарски франци нуди малата општина Албинен во Швајцарија за семејствата кои сакаат да купат или да изградат дом и трајно да се населат таму. Преку оваа програма, локалните власти се обидуваат да го спречат иселувањето и да привлечат нови жители, но финансиската помош е достапна само за оние кои исполнуваат строго утврдени услови.

Албинен се наоѓа во кантонот Вале, а програмата предвидува финансиски поттик од 25.000 франци за самец, 50.000 франци за брачен или партнерски пар и дополнителни 10.000 франци за секое дете. Тоа значи дека семејство со две деца може да добие вкупно 70.000 франци, односно околу 76.000 евра, пренесува Н1 Сараево.

Сепак, помошта не е наменета за секој што ќе одлучи да се пресели во Швајцарија. Еден од главните услови е возрасните апликанти да немаат повеќе од 45 години.

Дополнително, заинтересираните мора да инвестираат најмалку 200.000 швајцарски франци во купување, изградба или реновирање недвижен имот кој ќе се користи за постојано живеење. Програмата не ги опфаќа викендичките и имотите наменети за повремен престој.

Потребна е дозвола за постојан престој

За странските државјани постои и дополнителен услов – во моментот на исплатата на финансиската помош мора да поседуваат дозвола за постојан престој во Швајцарија, позната како дозвола Ц.

Барањето за финансиска поддршка треба да се поднесе пред започнувањето на градежните работи или пред соодветното евидентирање на купувањето на недвижноста.

Средствата се исплаќаат по завршувањето и одобрувањето на работите, односно по уписот на купениот имот, под услов корисниците да имаат пријавено живеалиште во Албинен. Парите се уплаќаат на хипотекарната сметка на кредиторот.

Обврска за останување најмалку 10 години

Еден од најважните услови на програмата е корисниците да останат да живеат во општината најмалку десет години од добивањето на финансиската помош.

Доколку во тој период го продадат имотот или се иселат од Албинен, ќе мора да ги вратат добиените средства, вклучително и дополнителната помош за децата.

Надлежните посочуваат дека сите заинтересирани треба директно да се информираат кај општината за актуелните услови. Програмата не подразбира автоматско право на влез, населување или добивање дозвола за престој во Швајцарија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни