Македонија

Тажна вест од Пробиштип: Почина д-р Мијалче Андоновски, лекарот кој со децении им помагаше на генерации граѓани

Тажна вест од Пробиштип: Почина д-р Мијалче Андоновски, лекарот кој со децении им помагаше на генерации граѓани

Пробиштип тагува по загубата на еден од своите познати и почитувани сограѓани. На 71-годишна возраст почина д-р Мијалче Андоновски, долгогодишен лекар по општа медицина, хуманист и човек кој својот професионален живот го посвети на здравјето и благосостојбата на граѓаните.

Веста за неговата смрт беше објавена на локалната страница „Probistip on air“, каде што бројни сограѓани се простуваат од лекарот, кој зад себе остави децениска работа и голем број пациенти на кои им помогнал.

Д-р Андоновски, роден во 1955 година, бил препознатлив по својата посветеност на професијата, непосредноста и подготвеноста да помогне секогаш кога тоа било потребно. Неговите сограѓани го паметат како лекар со големо срце, ведар дух и исклучителна човечност.

Покрај долгогодишната лекарска практика, Андоновски бил активно вклучен и во спортскиот живот на Пробиштип. Соработувал со бројни спортски клубови и спортисти, обезбедувајќи медицинска поддршка и грижа за нивното здравје.

Неговата смрт предизвика бројни емотивни реакции на социјалните мрежи, каде што пријателите и сограѓаните споделуваат спомени и пораки за последен поздрав.

„Во душа си ми бил, во срце ќе ми останеш“, напиша Златко Андоновски во емотивна објава.

Семејството на починатиот лекар упати и посебен хуманитарен апел. Наместо цвеќе, букети и погребни венци, ги повика сите што сакаат да му оддадат последна почит средствата да ги донираат за хуманитарни цели.

За таа намена, во капелата и на погребот ќе бидат присутни претставници на Црвениот крст, кои ќе собираат доброволни прилози. Собраните средства ќе бидат наменети за лицата на кои помошта им е најпотребна.

Погребот на д-р Мијалче Андоновски ќе се одржи утре, 18 ноември, во 14 часот, на градските гробишта во Пробиштип. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 12 до 14 часот.

Со заминувањето на д-р Андоновски, Пробиштип загуби долгогодишен здравствен работник и хуманист, кој ќе остане запаметен по својата професионална посветеност, човечност и придонес во локалната заедница.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни