Македонија

Родителите од Кочани: Со над 200 предложени сведоци се одолговлекува судењето, сакаат физички и психички да нè исцрпат!

Родителите од Кочани: Со над 200 предложени сведоци се одолговлекува судењето, сакаат физички и психички да нè исцрпат!
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ стравуваат дека големиот број сведоци предложени од одбраната може дополнително да го продолжи судскиот процес и да го отежне нивниот пат до правдата.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Александар Наунов и Томче Стојанов изразија незадоволство од начинот на кој се одвива дел од постапката, особено од однесувањето на бранителите на обвинетите.

Според изнесеното во емисијата, одбраната предложила повеќе од 200 сведоци, иако во текот на постапката дел од предлозите биле повлечени.

Родителите сметаат дека ваквата практика може да доведе до непотребно одолговлекување.

„Точно, само за тоа. Се одолговлекува и се разводнува целата ситуација“, беше одговорот на прашањето дали големиот број сведоци се предлага за да се добие време.

Гостите нагласија дека секое ново рочиште за нив претставува дополнителен психички товар. Постојаните патувања од Кочани до Скопје, слушањето на сведочењата и повторното соочување со деталите од трагедијата, како што велат, ја продлабочуваат нивната болка.

Особено се разочарани од однесувањето на дел од адвокатите, за кои сметаат дека не покажуваат доволно почит кон семејствата.

„Никој не нè прашува како преживуваме секое рочиште, како ни е претходниот ден и како се чувствуваме кога одиме на судење“, посочија родителите.

Сепак, Александар Наунов оцени дека досегашното темпо на судењето е интензивно, со приближно едно рочиште неделно, и изрази надеж дека во наредниот период ќе бидат закажувани уште повеќе термини.

Родителите нагласуваат дека нивната цел не е да се ограничат правата на обвинетите, туку постапката да заврши во разумен рок и судот да донесе одлука заснована врз доказите.

Тие порачуваат дека, и покрај физичката и психичката исцрпеност, нема да се откажат од борбата за утврдување на одговорноста.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни