Пријавата за семејно насилство не смее да остане само записник во полициската станица. Таа мора да предизвика итна институционална реакција, особено кога постојат закани по животот на жртвата.
Ова го истакна јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, објаснувајќи како треба да постапуваат надлежните институции кога жена ќе пријави дека партнерот ѝ се заканува.
Според Андонова, првата обврска на полициските службеници е сериозно да ја примат пријавата, да ја документираат и да започнат со проверка на сите околности.
Посебно значење има проценката на ризикот, која ја изготвува полицискиот службеник што интервенира на местото на настанот.
При проценката се разгледуваат претходните случаи на насилство, евентуалните закани, контролирачкото однесување, демнењето, употребата на алкохол или наркотични средства, како и можноста сторителот да поседува оружје.
„Проценката на ризик е многу важен документ, затоа што податоците внесени во него ја дефинираат понатамошната постапка“, објасни обвинителката.
Таа нагласи дека поседувањето огнено оружје е особено сериозен показател за потенцијална опасност.
Доколку се утврди дека лицето поседува оружје, независно дали има дозвола, потребно е да се преземат активности со кои ќе се спречи неговиот пристап до него.
Андонова објасни дека полицијата има обврска да изготви извештај за преземените активности во рок од 12 часа, како и да го извести надлежниот јавен обвинител.
Паралелно мора да биде вклучен и Центарот за социјални работи, особено кога во семејството има деца.
„Жртвата во ниту еден момент не смее да биде заборавена. Таа не е само извор на информации за настанот“, истакна Андонова.
Според неа, институционалното постапување не завршува со пријавата. Потребно е да се обезбедат медицинска и психолошка помош, правна поддршка и, доколку е неопходно, безбедно сместување.
Обвинителката предупреди дека брзината на полициската интервенција во одредени случаи може да биде пресудна за животот на жртвата.