Жените кои се жртви на семејно насилство имаат право на заштита, вклучително и во ситуации кога домот во кој живеат е сопственост на насилникот. Постојните законски механизми овозможуваат негово отстранување од живеалиштето доколку постои сериозна опасност по животот и безбедноста на жртвата.
Ова го објасни јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, говорејќи за итните и привремените мерки за заштита од семејно насилство.
Според Андонова, кога полицијата ќе утврди висок ризик, може да предложи изрекување итни мерки, за кои надлежниот суд треба да одлучи во краток рок од 24 часа.
Мерките можат да опфатат отстранување на насилникот од домот, како и забрана за приближување до живеалиштето.
„Итната мерка е отстранување на сторителот од домот, независно од тоа чија сопственост е домот“, посочи обвинителката.
Таа објасни дека итните мерки имаат ограничено времетраење, од 10 до 30 дена, додека привремените мерки можат да траат и до една година, со можност за продолжување по нова проценка.
Целта е жртвата да добие доволно време и институционална поддршка за да биде заштитена додека се водат понатамошните постапки.
Андонова предупреди дека изрекувањето на судската мерка не е доволно само по себе.
Полицијата мора да обезбеди нејзино спроведување, а надлежните служби треба да ја следат состојбата и да реагираат доколку сторителот ги прекрши ограничувањата.
Во случаи кога постои исклучително висок ризик, полициските службеници можат да преземат и мерки за лишување од слобода, согласно законските овластувања.
Обвинителката посочи дека за ваквото постапување е неопходна добра обученост на полициските службеници.
Според неа, полицаецот што пристигнува на местото на настанот мора за многу кратко време да ги согледа сите околности и да донесе одлука што ќе обезбеди најголема можна заштита.
„Секогаш имаме добри законски решенија, меѓутоа секогаш постојат и практични предизвици“, нагласи Андонова.
Таа заклучи дека ефикасната заштита зависи од брзата реакција, професионалноста и координацијата меѓу полицијата, судот, обвинителството и центрите за социјални работи.