Македонија

Тензии на протест во Крива Паланка: Граѓаните бараат решение за кравите што слободно се движат низ градот

Тензии на протест во Крива Паланка: Граѓаните бараат решение за кравите што слободно се движат низ градот

Тензична атмосфера и турканица меѓу граѓани и полициски службеници го одбележаа денешниот протест во Крива Паланка, организиран поради долгогодишниот проблем со кравите кои неконтролирано се движат низ градот и околните населени места.

Незадоволните жители излегоа на протест барајќи итна реакција од надлежните институции и трајно решение за проблемот кој, како што велат, со години им создава сериозни штети и ја загрозува нивната безбедност.

За време на протестот дошло до турканица меѓу неколку демонстранти и полицајците кои го обезбедувале собирот. Засега не се познати причините за инцидентот.

На протестот присуствуваше и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој претходно јавно најави дека ќе им се придружи на граѓаните во барањето решение. Преку социјалните мрежи тој порача дека нема да ги остави жителите сами да се справуваат со проблемот.

Според информациите, станува збор за повеќе од илјада крави кои слободно се движат низ подрачјето на Крива Паланка. Жителите се жалат дека добитокот им ги уништува земјоделските посеви, им нанесува штети на приватните имоти и претставува опасност за учесниците во сообраќајот.

Граѓаните бараат институциите да преземат конкретни мерки за отстранување на добитокот од јавните површини и да обезбедат долгорочно решение со кое ќе се спречат нови штети и инциденти.

Проблемот со слободното движење на кравите во Крива Паланка трае со години, а незадоволството на жителите дополнително се зголемува поради, како што велат, отсуството на ефикасна институционална реакција.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни