Македонија

Опозицијата бара предвремени избори – Села: Ако нема датум, треба да има избори и техничка влада

Предвремени парламентарни избори бараат опозициските партии доколку земјава не добие датум за почеток на преговорите. Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села синоќа во Клик Плус рече доколку Заев е сериозен во своите изјави, тогаш треба да формира техничка Пржинска влада и на пролет да се одржат предвремени избори.

„Планот Б на опозицијата во овој случај е дека секакао треба да има предвремени избори. Што друго може да бараме? И ние го побаравме тоа. Доколку Премиерот е сериозен во своите изјави, ние треба што поскоро да формираме техничка Пржинска влада, доколку не се добие датум и некаде од пролет да одиме на предвремени парламентарни избори.“, рече Села.

Според Села, правдата во земјава е најслаба точка, затоа, како што рече, со избори ДУИ би заминала во опозиција а правдата не би била заробена.

„Првото нешто што треба да се направи. Парламентарни избори би ја одвеле ДУИ во опозиција и правдата не би била заробена, не би била под влијанија, не би била поделена врз основа на припадноста дали си дел од опозицијата или владиното мнозинство, или други некои припадности, туку би имале правда и како конкретниот случај што ја загрижува и Франција  – дека не сакаат закон само на хартија туку ефикасни закони“, изјави Села.

Доколку не се добие датум,  и лидерот на Беса, Биљал Касами побара итна оставка на Владата и предвремени избори.  Во текот на вчерашниот ден и од ВМРО-ДПМНЕ велат дека актуелната влада не е способна да направи реформи затоа за промена на состојбата потребни се предвремени избори. Инаку и самиот премиер Заев во Виена изјави дека неговата влада ќе биде мртва доколку не се добие датум.

Од ДУИ сега за сега молчат.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни