Северна Македонија и регионот во опасност од нов бран мигранти од Блискиот исток, по заканата на турскиот Претседател, Реџеп Таип Ердоган, дека повторно ќе ги отвори портите за бегалци кон западните земји, доколку не добие финансиска поддршка неговиот план за креирање „безбедни гранични зони“ за сириските бегалци во Европската унија. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека нема индикации за зголемување на бројот на мигрантите и дека Македонија е подготвена да се справи со нов бран бегалци.
Спасовски ова го изјави на денешната оперативно-тактичка вежба „Плен“, на која присуствуваше и неговиот колега од Косово, Екрем Мустафа. Мустафа беше прашан за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се обвинети во случајот „Монструм“, а се во бегство во Косово.
-Секако, тие треба да се екстрадираат, но сѐ уште немаат завршено постапките во косовското Министерство за правда-вели Мустафа.
Од косовското Министерство за правда, нема одговор за овој случај, додека пак од ресорот правда во Македонија велат дека сѐ уште немаат информации и дека веќе неколкупати испратиле барање за испорачување на Исмаиловиќ и Демири, но, како што тврдат, не добиле одговор.
Инаку, обвинети во случајот „Монструм“ се Фејзи Азири, Хаки Азири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Сами Љута и Алил Демири. Петкратното убиство се случи на 12-ти април 2012 година.