Македонија

Европарламентот со вонредна резолуција – повторно ќе бара преговори со Македонија

Европскиот Парламент на дневен ред на пленарна седница стави вонредна резолуција со која повторно бара отворање на преговорите за членство со ЕУ за Македонија и Албанија. Европскиот Парламент веќе се изјасни дека Скопје и Тирана треба да ги започнат пристапните преговори со Унијата, а вонредната резолуција доаѓа откако ЕУ не успеа да постигне консензус на последниот самит, пред сѐ поради противењето на Франција. Дебатата започна во 15 часот, а резолуцијата е 4 точка на дневен ред. Европскиот Парламент би требало да истакне дека жали поради одлуката на земјите членки да го блокираат стартот на преговори со двете земји. Во верзијата на Социјалдемократската група се критикува „улогата на претседателот на Франција и други земји членки во овој поглед“. Предложените амандмани предвидуваат да ја поздрават „одлучноста на Северна Македонија да продолжи да напредува во реформската ЕУ агенда“ како и силно да ја пофали „позитивна дипломатија на Северна Македонија“, посебно во однос на билатералните договори со Грција и Бугарија.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни