Македонија

Родителите против разрешувањето, Адеми: Ќе се избегне ова недоразбирање, Георгиевски недостапен

Одлуката на општина Гази Баба за разрешување на директорот на О.У. „25 мај“ во Сингелиќ, ги револтираше жителите кои излегоа на протест.
Жителите го прашуваат градоначалникот на о. Гази Баба, зошто не објавил конкурс за избор на нов директор, туку го разрешил Фадиљ Муртезани, за да го назначи Ибе Мустафа за вршител на должноста со мандат од 6 месеци.

„Ние жителите на Сингелиќ, нема да дозволиме наутро да му кажат дека може да продолжи со функцијата директор, а потоа во 4 часот да назначат друг“

“Ние протестираме бидејќи директорот го разрешиле без да ги прашаат родителите од Сингелиќ. Директорот веќе 3 години е тука, не дека ни е сограѓанин, туку навистина работеше. Еве сите родители се присутни, тој работеше и за образованието и за одржувањето на училиштето.“

„Фадиљ Муртезани отиде во училиштето. Вели дека не може да ја разбере одлуката на градоначалникот“

„Утрото ми рече дека е „за“ мене, дека има доверба, дека добро сум управувал со училиштето, дека училиштето е унапредено. Во 12 часот имаше состанок градоначалникот, не знам со кого. Во 16 часот ја доставија одлуката за разрешување и именување на вршител на должноста. Со новиот закон нема вршител на должноста, бидејќи нема ограничени мандати за директорите.“, вели Муртезани.

Во училиштето „25 Мај“ денеска беше и министерот за образование, Арбр Адеми, кој рече дека ја поддржува направената работа од страна на директорот и дека утре директорот и градоначалникот Борис Георгиевски ќе се сретнат повторно, за да се избегнат евентуалните недоразбирања.

„Мислам дека утре градоначалникот заедно со директорот Фадиљ Муртезани ќе имаат средба и тие евентуални недоразбирања кои се случиле вчера да се избегнат, уште повеќе бидејќи училиштето „25 мај“ во Сингелиќ забележа низа успеси и раководителите кои донеле таков успех треба да се охрабруваат“, рече Адеми.

Адеми вели дека според новиот закон, за назначувањето на директорите одлучува училишниот совет и нивниот предлог треба да го усвои градоначалникот во рок од 10 дена. Тв21 се обиде да контактира со градоначалникот на Гази Баба, но тој беше недостапен.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни