Македонија

Драган Ковачки за наследник на Спасовски е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, Заев најави дополнителни консултации

Одложено е постигнувањето согласност околу техничкиот министер за внатрешни работи поради тоа што не е во согласност со Уставот, рече премиерот Зоран Заев по средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Неофицијално се работи за Драган Ковачки полковник во АРМ што е спротивно на уставот и законите за одбрана и за внатрешни работи воено лице да биде прв човек на полицијата. Заев сепак децидно не го отфрли предлогот но остави време до понеделник да има консултации со стручната јавност, Министерството за правда како и за одбрана, за што рече дека ова нема да го пролонгира 3 јануари како термин за техничка влада. За понеделник ќе се знаат и имињата на дополнителните заменици министри.

Претходно и Мицкоски рече дека се договориле Заев да има консултации за името на техничкиот министер за внатрешни работи но рече дека очекува конечен став да има најдоцна за час и половина.

На оваа средба претходеа и разговори меѓу Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети, според кого предлогот е добар и тој оцени дека се работи за високо професионална личност.

На денешната лидерска средба Заев како што и претходно најави ја отворил темата и за измените на Изборниот законик, за што било договорено законите да бидат изгласани пред изборите, но нивната примена да биде по предвремените парламентарни избори. Инаку, како што е веќе познато, највисокото партиско раководство на СДСМ вчера го предложи Оливер Спасовски за технички премиер во Пржинската влада, а Мила Царовска ќе биде вицепремиерот за економски прашање на местото на Кочо Анѓушев.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни