Од Алијанса за Албанците денеска реагираат на изјавата на министерката за образование и наука Весна Јаневска дека нема да има книги и материјали за странски јазици.
Тие велат дека регресијата и деградацијата сега веќе почнува и во образование.
„Изјавата на министерката за образование дека нема да има книги и материјали за јазици и дека децата ќе треба да учат од серии е скандалозна и јасно го покажува пристапот на оваа влада кон најважната сфера. Во меѓувреме, албанските партии кои без легитимитет влегоа во Владата денеска молчат и ги заборавија сите зборови што претходно ги кажаа за образованието воопшто и особено за учебниците. Потсетуваме дека прохрамата на ВРЕДИ вклучува и ветување за усогласување на наставните програми со Косово и Албанија“, велат од АА.
Како што додаваат, ова само потврдува дека чувствителните теми се злоупотребени за предизборна пропаганда и дека грижа им била само власта, а не квалитетното образование на помладите генерации.
„Последните дејствија и изјави, освен што го оштетуваат образовниот процес, претставуваат и потсмев на учениците воопшто, а особено на оние од немнозинските заедници. Каков друг удар да очекуваме од моноетничката и нелегитимна Влада за да ги убеди сервилите да се откажат од оваа штетна, понижувачка и дегенерирачка мисија?“, додаваат од АА.