Македонија

Адем Чучуљ највисоко рангиран кандидат за нов претседател на ДКСК

Адем Чучуљ највисоко рангиран кандидат за нов претседател на ДКСК

Адем Чучуљ, актуелниот генерален секретар на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), е најдобро оценетиот кандидат во постапката за избор на нов претседател на Антикорупциската комисија. Тој освои 96,50 поени на ранг-листата изготвена од Комисијата за селекција формирана од собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата.

Според селекциската комисија, Чучуљ зад себе има значајно професионално искуство во областите спречување на корупција и управување со судир на интереси, како и детално разработена програма за идниот развој на институцијата. Позицијата претседател на ДКСК остана празна по оставката на Татјана Димитровска, поднесена по објавувањето на обвинението во предметот „Адитив“.

На второ место е рангиран Бранко Смилевски од Скопје, дипломиран економист и магистер по антикорупција, кој доби 86,33 поени. Трет е проф. д-р Кимо Чавдар, правник и доктор на политички науки, со освоени 81,83 поени.

Од вкупно 13 пријавени кандидати, еден го повлече своето учество, а двајца не ги исполниле условите, па во финалната селекција влегоа 10 кандидати. Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата утре треба да го избере кандидатот кој ќе ја преземе функцијата прв антикорупционер.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни