Македонија

Адвокатката Јошевска Анастасовска: Кога судот и обвинителството настапуваат заедно, правдата останува сама

Адвокатката Јошевска Анастасовска: Кога судот и обвинителството настапуваат заедно, правдата останува сама

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска, која е дел од тимот на одбраната во предметот за пожарот во Кочани, упати остра критика до Кривичниот суд, откако судот закажал брифинг за денеска на кој е покането само Јавното обвинителство.

Според неа, ваквиот потег остава „лош впечаток на процесна нерамнотежа“ и сугерира на нефер процедура.

„Кога судот и обвинителството настапуваат заедно, правдата останува сама,“ истакна Јошевска Анастасовска во својата реакција.

Таа појасни дека судот, со тоа што решил да расправа за „технички предизвици и организациска поставеност“ само со една од страните во постапката (Обвинителството), го става во нееднаква положба тимот на одбраната.

„Судот треба да биде НАД обвинителството, а не да стои покрај него и да расправа со него ‘технички предизвици и организациска поставеност’. А ако решил да го покани на брифинг, да го третира како страна во постапката и да ја покани и одбраната,“ нагласува адвокатката.

Јошевска Анастасовска заклучува дека со ваквите постапки, судот не ја штити, туку ја нарушува правдата.

„Со вакви потези, судот не ја заштитува правдата туку ја посрамотува и нè подготвува сите нас за нефер процедура,“ се заклучува во изјавата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни