Македонија

Агенцијата за храна и ветеринарство со засилени контроли пред празниците: уништени над 200 килограми небезбедна храна

Агенцијата за храна и ветеринарство со засилени контроли пред празниците: уништени над 200 килограми небезбедна храна

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, кога се зголемува потрошувачката на храна, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведоа засилени инспекции во угостителски објекти. Во изминатите две недели реализирани се 244 инспекциски надзори, со акцент на објектите каде се организираат предновогодишни прослави.

Инспекторите откриле низа неправилности кај 43 оператори, кај кои не биле задоволени хигиенските стандарди и не биле имплементирани процедурите за Добра хигиенска и Добра производствена пракса. Дополнително, четири угостители не ги спровеле задолжителните здравствени прегледи на своите вработени.

Особено загрижува податокот дека пет угостители не биле регистрирани како оператори со храна, што претставува прекршок на законската обврска. Како резултат на контролите, уништени се над 200 килограми небезбедна храна.

За утврдените прекршувања, АХВ издаде 55 решенија со наредби за отстранување на недостатоците и изрече 23 парични казни.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство истакнуваат дека ваквите контроли имаат за цел да обезбедат безбедност на храната за време на празниците и апелираат до операторите со храна да ги почитуваат законските прописи.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни