Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска остро реагираше на јавните настапи и обвинувања од страна на в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, кој преку видео на социјалните мрежи упати критики за работата на инспекциските служби во угостителски објекти во градот. Од АХВ го оценија неговиот настап како обид за оцрнување на институцијата и нејзините инспектори, прикажувајќи се како инспектор на хигиената и законитоста во објекти за исхрана.
„Професионално, АХВ не навлегува во ингеренциите на други иституиции, но, за наводите на в.д градоначалникот во однос на работењето на АХВ, само го информираме дека Агенцијата не издава никакви HACCP дозволи како што тврди тој во јавноста, туку ја контролира работата на оператрите со храна, само и исклучиво од аспект на исполнетост на општите и посебните услови за безбедност согласно законските и подзаконските акти кои ја уредуваат оваа материја, регистрирајќи ги како оператори со храна во регистарот на институцијата“, велат од Агенцијата.
Од институцијата нагласуваат дека Крстевски нема ингеренции ниту овластувања да влегува во кујни, особено без заштитна облека и санитарна книшка, со што, како што велат, ја загрозува безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите.
„Во ниту едни прописи, ниту во националните, ниту во европските, не е дефинирано дали и какви фуги треба да има на плочките во кујните, а вработените лица во двете засебни кујни може да користат посебен санитарен јазол, што, како што беше јасно од видеото дека од угостителот е обезбедено, како засебно од она наменето за гостите“, велат од АХВ.
Реакцијата доаѓа откако Крстевски, пред два дена, влезе во пицерија во Кочани и во живо на социјалните мрежи покажа низа „неправилности“, меѓу кои пушење во затворен простор, заеднички тоалет и две одвоени кујни, од кои едната без сопствен санитарен јазол. Тој на 18 јуни поднесе и кривична пријава до обвинителството во Кочани против угостители, тврдејќи дека објектите се дивоградби и работат опасно по здравјето на граѓаните.
Во изјавата завршува со порака дека институциите треба да си ги знаат сопствените ингеренции, а не да дозволуваат да се создава атмосфера на страв и хаос во јавноста, со што, како што наведуваат, се прави штета и на угостителите и на институциите.