Ако добиеме гаранции за 80 гласа, може да почнеме преговори за влез во Владата, вели Таравари

Алијанса за Албанците (АА) е подготвена да оди на предвремени избори во јуни или септември годинава, но само доколку добие гаранција од политичките субјекти, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе почне процесот за уставни измени и во тој случај нема да влезе во Владата. Доколку, пак, добие гаранции дека може да се постигне бројката од 80 гласа, тогаш ќе почне преговори за влез во Владата.

Како што рече вечерва претседателот на АА Арбен Таравари, Алијанса за Албанците е се уште опозициска партија и се уште е се во игра. Во партијата има ставови про и контра. Во петок, централното претседателство ќе одлучи дали ќе станат дел од Владата.

Според Таравари, јасни се пораките од меѓународните претставници – дека уставните измени мора да се донесат за земјата да се придвижи напред.

– Да влезеш во Влада со скандали е тешко и тоа може да ни се одрази на рејтингот, но некогаш граѓаните и општеството се побитни од партијата. Ако имаме гаранции дека може да се постигне бројката од 80 гласа, тогаш може да почнеме преговори, ако не, ќе размислиме и ние. Не сакаме да го рискираме нашиот рејтинг. Но, ги гледате пораките на сите релевантни чинители – сите велат добро е земјава заедно со Албанија да ги продолжи преговорите. Многу е неодговорно да речете „одиме на избори“. Пораките од меѓународниот фактор се „почнете ги преговорите“. Ако Владата потврди дека може да обезбеди 80 гласа, тоа е услов. Да направиме консензус дека го отвораме Уставот и тогаш да, да одиме на предвремени избори во јуни или септември, во таков случај не влегуваме во Влада. Значи, не би влегле во рискантен потег ако не се направат уставни измени. Ако имаме гаранција од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ги почнеме уставните промени, да ги поминеме двете фази и во јуни или септември да одиме на избори. Заедно да најдеме решение, да најдеме 80 гласа и да ги почнеме преговорите, рече Таравари во вечерашното гостување на ТВ Сител.

Ако се погледне ситуацијата само партиски, АА, потенцира Таравари, е најголемиот критизер на Владата.

-Но, соочени сме со три кризи – инвазијата во Украина, енергетската и економската криза, како и двете државни кризи: корупцијата и организираниот криминал во институциите, како и уставните измени кои се неопходни за да ги почнеме преговорите. Знаеме кај сме и во каква ситуација сме. Некогаш мора да знаеш каде сакаш да одиш. Постојано кажувам и уште еднаш ќе повторам, без разлика дали ќе бидеме дел од владината коалиција или ќе останеме опозиција, ние ќе ги изгласаме уставните измени. Тоа ќе биде нашиот услов за борба против корупција и за правна држава, подвлече лидерот на АА.

Таравари потврди дека при евентуален влез на неговата партија во Владата, нема да замине од функцијата градоначалник на Гостивар што моментно ја извршува.

-Добив поддршка од граѓаните да го терам мандатот до крај. Мислам дека е несериозно да се повлечам и да бидам министер, а во АА има многу доктори кои се квалитетни, рече лидерот на Алијанса за Албанците, додадавјќи дека се уште не е ништо конкретно договорено со владината коалиција во однос на некаква поделба на ресорските места или министерства.

Таравари напомена и дека не очекува проблематизирање на функционирањето на општините од страна на ВМРО-ДПМНЕ доколку АА стане дел од владината коалиција.

Поврзани вести

spot_img

Најважното