Македонија

Ако не може СЈО, може ОЈО? Случаите на Катица Јанева може да ги преземе Јовески

Адвокатите на Сашо Мијалков и Орце Камчев, утре во Кривичниот суд – Скопје 1, ќе поднесат барање на двајцата обвинети во случајот „Империја“ да се укинат мерките притвор и куќен. Образложението ќе биде дека мерката притвор била изречена од СЈО, за кое сега Врховен смета дека е неовластено за да ги продолжи истрагите и обвиненија покренати по 30 јуни 2017 година. По повод одлуката на Врховниот, се сретнаа републичкиот обвинител, Љубомир Јовески и специјалната обвинителка, Катица Јанева.

„На средбата беа разгледани состојбите и можностите за натамошно постапување по предметите по кои постапува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во тој контекст, Јовески и Јанева се согласија дека постапувањето по овие предмети ќе продолжи согласно позитивните законски прописи“, се вели во заедничката изјава на Јовески и Јанева.

Побаран за да објасни што подразбира терминот „согласно позитивните законски прописи“, државниот обвинител Љубомир Јовески, рече дека за секој предмет на СЈО ќе се одлучува посебно како да продолжи постапката, за што може да се формира и работна група од двајца обвинители. Ова става до знаење дека има можност сите процедури да продолжат и за предметите отворени по 30 јуни 2017 година.

Но, што ќе се случи со прислушуваните разговори познати како „бомби“? Дали тие ќе можат да се користат како доказ доколку СЈО одлучи истрагите и покренатите обвиненија да им ги предаде на редовното обвинителство? Еден од адвокатите кој во Врховен го покрена прашањето за СЈО, Еленко Миланов, вчера рече дека „бомбите“ како доказ може да ги користи само СЈО. Но, така не смета обвинителката Вилма Рускоска.

Одлуката на судот е начелно мислење и истото не мора задолжително да се почитува од обвинителите, рече министерката за правда, Рената Дескоска, додавајќи дека за извршените кривични дела мора некој да сноси одговорност.

Доколку СЈО продолжи со истрагите и обвиненијата, освен случајот „Империја“, познат како најголем финансиски криминал во кој обвинети се Сашо Мијалков и Орце Камчев, под знак прашалник се и „Талир 1“ и „Талир“, предмети кои се однесуваат на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.  Одлуката на Врховниот суд може да ја одложи и истрагата за случајот „Попис“, во кој како осомничени се спомнуваат Али Ахмети и Никола Груевски, за неуспехот на пописот во 2011 година. Обвинение нема да може да се поднесе ниту за случајот „Пациент“, во кој осомничен е екс – министерот за здравство, Бујар Османи, додека во случајот „Моќник“ осомничен е пратеникот Антонио Милошоски. Судбината на овие предмети отворени по 30 јуни 2017 година, останува да се дознае во наредните денови, по одлуката на СЈО во соработка со Државното обвинителство.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни