Македонија

Акција „Филтер“: Разбиен систем за шверц на 69,3 милиони цигари, приведени 13 лица

Акција „Филтер“: Разбиен систем за шверц на 69,3 милиони цигари, приведени 13 лица

Обемна истрага на Царинската управа открила организиран систем за нелегално внесување и пуштање во промет на големи количини цигари, при што државата, според проценките од истрагата, била оштетена за над 377 милиони денари, односно повеќе од 6 милиони евра.

Во акцијата „Филтер“ се опфатени седум случаи реализирани во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2024 година. Истрагата ја спровеле Секторот за контрола и истраги и Одделението за истраги при Царинската управа, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и со меѓуинституционална соработка со БЈБ – Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

Во сите седум случаи биле опфатени вкупно 69.350.000 парчиња цигари, кои, според Царинската управа, незаконски биле пуштени во слободен промет во државата.

Истрагата утврдила повеќе начини на незаконско внесување и истовар на цигарите, како и нивно пуштање во промет без соодветна царинска евиденција и без плаќање на законските давачки.

Во три од седумте случаи, шлепери натоварени со цигари влегувале во државата преку граничниот премин Богородица во транзитна постапка. Наместо транзитот да биде завршен согласно царинските прописи, цигарите биле истоварувани во земјава, а шлеперите потоа ја напуштале државата преку Табановце без товар.

И покрај тоа што цигарите останувале во државата, транзитните постапки во царинскиот систем биле раздолжувани како шлеперите да ја напуштиле земјата полни со стока.

Во останатите четири случаи, според истрагата, шлеперите со цигари влегувале преку Богородица, но нивното влегување не било евидентирано ниту од царинските, ниту од полициските службеници. Цигарите потоа биле истоварувани во државата без соодветно документирање, ставање во соодветна царинска постапка и плаќање на законските давачки.

На 23 септември 2026 година Царинската управа поднела кривични пријави против три правни и 18 физички лица. Меѓу пријавените се и три полициски и четири царински службеници.

Пријавите се однесуваат на кривични дела „Криумчарење“, „Царинска измама“, „Несовесно работење во службата“, „Злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „Компјутерска измама“, како и на „Избегнување на плаќање акциза“.

По поднесувањето на кривичните пријави до ОЈО ГОКК биле издадени наредби за претрес на 23 локации. Претресите биле извршени во утринските часови на 24 септември, во координација со надлежниот јавен обвинител и со асистенција на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР – БЈБ.

До овој момент се приведени 13 лица – четири царински службеници, двајца полициски службеници, двајца возачи и пет други физички лица.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, изјави дека истрагата покажала дека во незаконското постапување не биле вклучени само економски оператори, туку и службени лица кои имале обврска да го спречат ваквото постапување.

Од Царинската управа информираат дека истрагата продолжува во координација со ОЈО ГОКК и дека се преземаат дополнителни дејствија за целосно расчистување на случаите и утврдување на одговорноста на сите инволвирани лица.

Според досегашните сознанија, од институцијата очекуваат бројот на опфатени лица и поднесени кривични пријави да се зголеми.

Во истрагата, како што информираат од Царинската управа, била обезбедена и соодветна помош од царинските управи на Грција и Србија.

Царинската управа најавува продолжување на контролите и истрагите насочени кон откривање и спречување на шверцот, организираниот криминал и избегнувањето на плаќање на давачките кон државата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Весна Јаневска, министерка за образование 22.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни