Македонија

АЛАРМ ЗА ЕКОНОМИЈАТА: 89% од странските инвеститори во Македонија не можат да најдат работници

АЛАРМ ЗА ЕКОНОМИЈАТА: 89% од странските инвеститори во Македонија не можат да најдат работници

Недостигот на квалификувана работна сила станува еден од најсериозните предизвици за странските инвеститори во земјава, покажува анкетата „Business & Investment Indicator 2025“. Дури 89 проценти од компаниите се соочиле со проблем да најдат соодветен кадар, а 17 проценти веќе почнале да вработуваат странски работници.

Ова се случува и покрај фактот што околу 90 проценти од компаниите ги зголемиле платите, во просек за 10 проценти, во обид да ги задржат и привлечат вработените.

Според Советот на странски инвеститори, главната причина за ваквата состојба е миграцијата, тренд кој не ја заобиколува ниту Европа. На презентацијата на резултатите, Георги Тренкоски од Кромберг и Шубер посочи дека демографските податоци се загрижувачки.

Во Пелагонискиот регион, во наредните пет години, бројот на луѓе кои ќе одат во пензија ќе биде поголем од бројот на млади кои влегуваат на пазарот на труд. Според него, ваквите трендови треба да станат приоритет за носителите на одлуки.

Анкетата покажува дека делумно е подобрено задоволството од инфраструктурата, но сериозен проблем останува процесот на доделување државна помош. Дури 80 проценти од компаниите се соочиле со тешкотии при аплицирањето или исплатата, додека само една третина ги сметаат критериумите за јасни.

Претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, нагласи дека процедурите мора да станат поедноставни, потранспарентни и попредвидливи, со цел да се задржи довербата на инвеститорите.

Дополнителен предизвик е и ниското задоволство од таканаречениот „aftercare“ пристап – само седум проценти од компаниите изразиле задоволство од институционалната поддршка по инвестицијата. Поголемиот дел од инвеститорите бараат јасна контакт-точка – едно лице или институција со која ќе можат директно да комуницираат за своите проблеми.

Иако анкетата е спроведена пред кризата на Блискиот Исток, резултатите покажуваат умерен оптимизам кај компаниите. Дел од нив планирале зголемување на бројот на вработени, но во ограничен обем, додека околу 80 проценти очекувале раст на деловната активност во текот на годината.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни