Водите на Охридското Езеро, од албанска страна, кај селото Лин, општина Подградец, денеска беа збогатени со околу два милиони парчиња подмладок охридска пастрмка-коран, известува АБЦ њуз.
По три децении, ова е рекордно количество на подмладок кое се внесува во езерото што го делат Албанија и Северна Македонија. Истражувањето од пред неколку години покажало дека овој редок вид риба е класифициран како вид во опасност од исчезнување, изјави Олси Чекичи, специјалист од мрестилиштето во Лин.
Според Чекичи, иако порибувањето со оваа уникатна риба е задолжение на двете држави, македонската страна не е реализирала вакви активности во последните неколку години.
Од албанска страна, пак, во последните четири години, езерото е порибено со повеќе од 5 милиони парчиња подмладок.
Телевизијата истакнува дека овој вид риба повеќе не е на листата на загрозени видови, а според специјалистите, состојбата е подобрена благодарение на зголемената свест меѓу рибарите.
Мерките за забрана на ловот дадоа резултат; рибарите станале посвесни за потребата од заштита на коранот, кој е многу барана риба од страна на хотелите и рестораните, особено во последните две години со зголемениот број туристи.