Алијансата за Албанците (АА) на Арбен Таравари го заврши петтиот вонреден конгрес во Тетово, усвојувајќи нова Декларација за политичко дејствување. Според Таравари, декларацијата е надградба на онаа од 2022 година и ќе послужи како водич за партијата до 2026 година. Како дел од власта, партијата смета дека се неопходни промени за да се подобри нејзината политичка активност.
Конгресот донесе и избор на ново централно собрание, а Таравари изјави дека АА е целосно реорганизирана и зацврстена како една од водечките албански партии. Во наредните недели се очекува да биде избрано и новото претседателство на партијата, а функционерите ќе одржат средби со граѓаните за да дадат отчет за постигнатото во првите 100 дена и 6 месеци на владеењето.
Декларацијата содржи 12 основни точки, во кои се нагласува заложбата за промовирање на западни модели на владеење, нулта толеранција за корупција и екстремизам, како и посветеност на Планот 2030 и Владината програма.
Таравари истакна дека АА ќе продолжи да биде отворена за нови членови и по изборите, додека исто така најави можни промени во раководството на институциите, со цел да се обезбеди подобра управувачка ефикасност.
Петтиот конгрес на АА се одржа под мотото „Промената продолжува“.