Министерот за здравство, Азир Алиу, во гостувањето во „Ноќно студио“ на „4ТВ“ откри сериозни реформи во системот на Брзата помош, со цел драстично да се скрати времето за пристигнување до пациентите. Како инженер по струка, Алиу нагласи дека проблемот не се решава само со купување нови возила, туку со воспоставување на комплетно нов, централизиран и софтверски контролиран систем.
Македонија чека Итна помош до 40 минути, Словенија само 8
Министерот јавно ги соопшти загрижувачките податоци со кои располага неговиот ресор во однос на времето на одзивот по регистриран повик од граѓаните.
„Времето на чекање кај нас за жал е многу долго. Во Словенија, на пример, тоа изнесува меѓу 7 и 8 минути во зависност од временските слотови, додека кај нас граѓаните понекогаш чекаат од 30 до 40 минути. Во здравството времето е лек – или ќе го имате или не. Не е важна само експертизата на лекарот, туку и моментот кога тој ќе пристигне, без разлика дали станува збор за итна потреба дома или за сообраќајна несреќа“, истакна Алиу.
Брзата помош се одвојува како посебна институција
За да се надмине овој децениски проблем, Владата по предлог на Министерството за здравство веќе донела одлука за административно издвојување на оваа служба.
„Пред една недела на владина седница помина предлогот за формирање на посебно тело, односно посебна институција за Итна медицинска помош. Таа повеќе нема да биде распарчена како дел од здравствените домови, туку ќе функционира како засебен субјект за да може целиот менаџмент и командувањето да доаѓаат од еден центар, што е од клучна важност“, објасни министерот.
Дигитална навигација и медицинска асистенција од дистанца
Паралелно со новата организација, со експерти веќе се работи на напредно софтверско решение. Овој систем не само што ќе врши навигација и ќе ја следи точната локација на секое возило во реално време, туку ќе воведе и целосно нова пракса – камери за медицинските тимови на терен.
Преку овие камери, вработените во Итната помош ќе можат во реално време, директно од терен или од самото возило, да комуницираат со врвни специјалисти и субспецијалисти од болниците. На тој начин, искусните лекари ќе можат од дистанца да помагаат и да асистираат при третманот на пациентот уште пред тој да пристигне во болница. Според проценките на експертите, за целосна имплементација на овој софтвер ќе бидат потребни меѓу 5 и 6 месеци.
За месец и пол до два пристигнуваат 100 нови возила
Во однос на инфраструктурата, Алиу информираше дека процедурата за набавка на 100 нови возила за Итна помош е влезена во својата завршна фаза.
„Административната постапка е отворена и службите ја привуршуваат. Доколку нема некои непредвидени административни компликации, кои кај нас знаат да ги одложат работите, очекувам максимум за месец и пол до два сè да биде завршено и возилата да пристигнат. Со тоа, комбинирано со новиот софтвер, ќе добиеме идеален и фантастичен систем“, заклучи министерот Азир Алиу.