Македонија

Андоновски: Дијаспората треба да гласа електронски, за три години дигитализацијата може да го овозможи тоа

Андоновски: Дијаспората треба да гласа електронски, за три години дигитализацијата може да го овозможи тоа

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека е неопходно да се овозможи електронско гласање за дијаспората и дека во наредните три години, паралелно со напредокот на дигитализацијата, може да се изгради систем што ќе го гарантира тоа право.

„Многу е важно да ѝ се дозволи на дијаспората да гласа. Ова се луѓе што во Македонија годишно внесуваат над една милијарда денари во дознаки, со што ја поддржуваат македонската економија, своите сограѓани, семејства и пријатели, а често отвораат и сопствени бизниси“, рече Андоновски за време на неговиот престој во Прилеп и промоцијата на Центарот за дигитални услуги.

Тој нагласи дека земјата има бројна дијаспора со македонски пасоши и дека не е фер, ниту во духот на уставно загарантираното право, тие да можат да гласаат исклучиво физички и да мора да патуваат по пет илјади или десет илјади километри за да го остварат правото на глас, и тоа двапати – еднаш за регистрација и вторпат на денот на гласањето.

Како што објасни, со измените на Изборниот законик треба да се предвиди до 2029 година да биде подготвен систем што ќе им овозможи на регистрираните државјани со македонски пасоши кои живеат во странство да гласаат онлајн.

„Веќе имаме систем за дигитален идентитет, односно порталот услуги точка гов точка мк, каде што граѓаните се регистрираат со свои лични податоци. Еднаш верификуваме дека навистина се тие, со лична карта или пасош, така што податоците се познати. Не е проблем системот да се доразвие во соработка со Државната изборна комисија за да се овозможи остварување на избирачкото право електронски. Ако има политичка волја, тоа е изводливо“, изјави Андоновски.

Тој додаде дека две држави од Европската Унија веќе целосно имаат имплементирано ваков систем, а уште четири спровеле пилот-проекти, оценувајќи дека има доволно време во следните три години да се тестираат решенијата и да се овозможи ова право за дијаспората.

Во Собранието неодамна пропадна уште еден обид политичките партии да постигнат договор за измени на Изборниот законик, при што најголем камен на сопнување повторно беше начинот на гласање на дијаспората. Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз соопштуваат дека не се против правото на дијаспората да гласа, но се против неконтролирани модели што може да отворат простор за изборни злоупотреби, нагласувајќи: „Нема да дозволиме некој да гласа наместо друг, ниту во Македонија ниту од дијаспората.“

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека опозициските СДСМ, Левица и ДУИ го опструираат и блокираат донесувањето на новиот Изборен законик поради нивните ниски, едноцифрени рејтинзи, кои, според партијата, се на ниво на статистичка грешка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни