Македонија

Ангелов: Под контрола дваесетина пожари ширум земјава, водата во Гостивар сè уште не е за пиење

Ангелов: Под контрола дваесетина пожари ширум земјава, водата во Гостивар сè уште не е за пиење

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информираше дека во текот на денешниот ден се регистрирани дваесетина пожари на отворен простор. Најголемиот дел од нив се веќе локализирани и изгаснати, додека преостанатите се ставени под контрола и се очекува нивно целосно ликвидирање до крајот на денот.

Ангелов појасни дека поради состојбата на теренот, денеска немало потреба од полетување на противпожарните авиони „ер-трактори“.

Локализиран пожарот што ги вознемири стружани

Посебно внимание во јавноста предизвика ситуацијата во струшкиот регион, каде што чадот беше видлив од поголема оддалеченост.

„Пожарот којшто беше видлив од подалеку и предизвика одредена вознемиреност кај граѓаните е пожарот на територијата на Општина Струга. Конкретно, таму имавме два пожари на отворен простор – едниот е веќе целосно изгаснат, а вториот е ставен под целосна контрола. Очекувам набргу и тој да биде целосно изгаснат. Во текот на денешниот ден немаше побарувања за ангажман на ер-тракторите“, изјави Ангелов.

Водата во Гостивар останува само за техничка употреба

Во однос на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, првиот човек на Главниот штаб за управување со кризи соопшти дека сè уште нема промени во препораките за граѓаните. Водата и понатаму не е безбедна за пиење.

Според последните анализи на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во дел од земените примероци сè уште е регистрирано присуство на бактерии.

„Водата и понатаму е дозволена само за техничка употреба, но набргу очекуваме да биде прогласена за исправна. Процесот на хиперхлорирање на мрежата продолжува и во наредниот период“, додаде Ангелов.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни