Пожарот кој веќе два дена беснее на територијата на општина Македонски Брод, во близина на фабриката „Самоков“, е под контрола и не претставува закана за објектот, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Категорично тврдам дека нема никаква опасност по фабриката“, истакна Ангелов, додавајќи дека и директорот на фабриката, како и градоначалникот на Македонски Брод, известиле дека нема потреба од понатамошна интервенција на ер тракторот, кој во текот на целиот ден делуваше околу критичниот потег.
Според него, досега се ставени под контрола три крака на овој тежок пожар, а активен останува само еден крак кој се шири по еден дол. „За да се избегне опасност за блиското село, ер тракторот и попладнево ќе продолжи да интервенира, сè додека светлината го дозволува тоа“, додаде Ангелов.