Македонија

Анѓушев: Нема подобро место од каде што може да се научи повеќе за економијата од Германија

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, како копретседавач на Мешовитиот управувачки комитет помеѓу нашата земја и СР Германија, денес реализира еднодневна посета во Берлин.

Вицепремиерот Анѓушев подвлече дека СР Германија покажа дека е пријателска држава која што досега многу помогна на патот кон ЕУ и НАТО интеграциите, при што нагласи дека поддршката од оваа земја допрва доаѓа.

„По завршување на политичките процеси, важно е да обезбедиме подобар живот за граѓаните, а тоа ќе го постигнеме преку добра и реална економија. Нема подобро место во светот од каде што може да се научи повеќе за економијата и индустријата од Германија и затоа го формиравме Мешовитиот управувачки комитет помеѓу македонската и германската Влада. Во рамките на тој Комитет работиме да обезбедиме што е можно повеќе поддршка од страна на Владата на СР Германија во развојот на македонската економија.

На денешната средба договоривме договоривме кога ќе дојде советникот од Владата на Германија во нашата земја. Тоа ќе се случи кон крајот на февруари годинава, го знаеме и името на еден искусен професионалец од Германија, кој веруваме ќе даде голем придонес кон нашите структурни реформи и едукацијата на нашата администрација во полето на пристап кон фондовите од ЕУ кои ќе имаме право да ги користиме во наредниот период.

На тој начин, сметам дека ќе стекнеме квалификации за тоа како подобро да ги искористиме европските фондови во интерес на нашите граѓани за реализација на инфраструктурни проекти и сите останати делови од економијата. Што се однесува до реалните проекти, преку активностите на Мешовитиот управувачки комитет и преку финансиските институции во Германија ќе обезбедиме средства коишто ќе ги договориме во рамки на МУК за спроведување на инфраструктурни проекти на комерцијална основа, а притоа ќе добиеме и одредени грантови преку редовните фондови на Европската Унија“, рече Анѓушев по средбите во Сојузното министерство за економија и енергетика на Германија.

Вицепремиерот Анѓушев за време на престојот во Берлин одржа и работни состаноци со претставници на германски компании пред кои ги презентираше можностите за инвестирање во земјата.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни