Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, денеска поднесе тужба до Уставниот суд со барање за времена мерка за стопирање на упатството на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за локалните избори во 2025 година. Според тоа упатство, единствено партијата Левица нема право на платено политичко рекламирање.
„Станува збор за скандалозен и досега невиден потег – од сите парламентарни и вонпарламентарни партии, само на Левица ѝ се забранува политичко претставување преку платени огласи во приватните медиуми. Дополнително, не само што ни се одземаат законски предвидените државни средства, туку дури и ако сакаме со сопствени пари, не можеме да се рекламираме бидејќи во четирите законски пакети едноставно сме изоставени, како да не постоиме на политичката сцена“, изјави Апасиев.
Тој тврдеше дека ова е „директна порака“ од премиерот Христијан Мицкоски, пренесена преку директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски.
„Се обидуваат да ни ги скратат крилјата, но ќе има обратен ефект, бидејќи народот гледа како на една партија ѝ се прави класична неправда. Левица на овие локални избори ќе го достигне својот историски максимум така да не можете да спречите пролет дури и да ги искорнете сите кокичиња“, порача лидерот на Левица и додаде дека можно е случајот да заврши во Стразбур.