Македонија

Апел од семејството на Ивона Антова: „Нашето чедо беше оставено само да умира – бараме правда“

Апел од семејството на Ивона Антова: „Нашето чедо беше оставено само да умира – бараме правда“

Семејството на 21-годишната Ивона Антова, девојката која трагично го загуби животот на 16 март годинава, упати потресен јавен апел до институциите и јавноста барајќи правда за својата ќерка. Тие тврдат дека Ивона не била само жртва на пожарот, туку и на човечка небрежност и бездушност во последните мигови од нејзиниот живот.

„Нашата Ивона – девојче со огромно срце, љубов кон животот, планинарењето и модата – беше оставена сама, беспомошна, претепана и без медицинска грижа додека бараше спас“, велат нејзините родители.

Во потресното сведоштво наведуваат дека Ивона сама ја снимила својата борба за живот – моментите кога ја туркале, кога паднала на земја и кога молела за помош повикувајќи: „Браат, дај рака, помогни…“ Но, наместо подадена рака, добила удари и игнорирање од оние кои биле околу неа.

„Ја најдовме во болницата – оставена сама на интерно одделение, без кислород, само покриена со ќебе, на перница со флека од последните здивови“, сведочи таткото. „Лежеше на страна, со рачето под главата, како да се обидела да стане, а не можела.“

Мајката, која во тие моменти била во шок и приклучена на инфузија, вели дека не можела ни да ја види својата ќерка. „Срцето ми умираше со неа“, додава таа.

Семејството инсистира дека Ивона не починала веднаш од последиците на пожарот, туку се борела до крајот, чекајќи некој да ѝ помогне. „Бараме тие што затаија и тие што ја оставија да одговараат. Бараме да не се заборави оваа неправда – затоа што никое дете не заслужува да умира само, во болка и страв.“

„Љубовта кон Ивона нема никогаш да згасне. Ќе се бориме за неа, како што таа се бореше до последниот здив“, стои во апелот на семејството Антови.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни