Македонија

Апелација повторно го осуди Васил Јованов на казна затвор во траење од три години и десет месеци за дрога

Апелација повторно го осуди Васил Јованов на казна затвор во траење од три години и десет месеци за дрога

Во нова пресуда донесена на 11 јуни 2025 година, Апелациониот суд Скопје повторно го осуди Васил Јованов на единствена казна затвор во траење од три години и десет месеци, за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Судот ја одби како неоснована неговата жалба и го преиначи делот од претходната пресуда каде му беше изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом.

Случајот се врати на повторно одлучување поради укинување на претходната второстепена пресуда од Врховниот суд на 7 мај годинава. Врховниот суд ја уважи жалбата и наложи ново одлучување, откако Апелација во февруари го осуди Јованов на истата казна, но по жалба на Обвинителството и со преиначување на претходната, поблага санкција.

Од Апелациониот суд информираат дека во новата постапка постапиле по предметот KЖ-481/25, и донеле одлука со која за делото од член 215 став 1 од Кривичниот законик му е утврдена казна затвор од една година, а за делото во соизвршителство (в.в. член 22) му се утврдува казна од три години затвор, а согласно член 44, се пресудува единствена казна затвор од три години и десет месеци.

Оваа одлука ќе биде јавно објавена на веб-страницата на судот, согласно Законот за управување со движење на предметите во судовите.

Освен овој случај, Јованов веќе е осуден на 12 години затвор за друго кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, откако во јануари оваа година со автомобил ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Казната следеше по признавање на вината.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни