Во Апелациониот суд во Скопје денеска се одржа јавна седница по жалбите на одлуката за куќен притвор на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, обвинет во аферата „Онкологија“. Обвинителството побара мерката куќен притвор да се замени со ефективен притвор, додека одбраната инсистираше Васев да се брани од слобода.
Судијката Весна Димишкова појасни дека првостепениот суд одредил куќен притвор во траење од 30 дена, земајќи ги предвид личните и семејни околности на обвинетиот – пензионер на 64 години, имотен, татко на две деца и досега неосудуван.
Меѓутоа, јавната обвинителка Фатиме Фетаи истакна дека во оваа фаза од постапката, единствена адекватна гаранција за присуство на Васев и успешно спроведување на кривичниот процес е определување ефективен притвор.
– Степенот на сомневање е значително зголемен, а постапката се води за сериозни кривични дела. Притворот е оправдан и неопходен – рече Фетаи, посочувајќи на сензитивноста, времетраењето и интензитетот на дејствијата за кои е осомничен Васев.
Од друга страна, Васев пред судот побара правично судење и можност да се брани од слобода.
– Се појавив и на анкетна комисија, дадов искази и активно соработував во истрагата. Немам намера за бегство – рече тој.
Неговиот бранител, адвокат Никола Ставрев, истакна дека уште од почетокот на истрагата Васев бил достапен, соработувал со институциите и обезбедувал докази. Според него, предложената мерка притвор е неоснована и несразмерна.
– Дел од доказниот материјал е обезбеден од лица што самите биле инволвирани во вештачења и имаат интерес. Нема реална опасност обвинетиот да се даде во бегство или да ја попречи постапката – нагласи Ставрев.
Случајот „Онкологија“ се однесува на серија кривични дела поврзани со злоупотреби при јавните набавки на лекови и финансиски трансакции во периодот од 2018 до 2022 година. Според обвинението, двајцата поранешни директори на Клиниката и четворица доктори онколози се товарат за дела како што се „злоупотреба на службената положба“, „измама во службата“ и „проневера“.
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска претходно информираше дека поранешниот директор Васев и организацискиот директор постапувале спротивно на повеќе закони, при што преку манипулации создале незаконски обврски и довеле до исплати од Фондот за здравствено осигурување во вредност над 430 милиони денари. Вкупната штета за државниот Буџет, според Обвинителството, надминува 2,2 милијарди денари.
Апелациониот суд ќе ја соопшти одлуката за притворот во наредните денови.