Со новата испорака, вкупниот број на лесни оклопни возила JLTV во Армијата се искачи на 67 од планираните 96. Министерот Мисајловски најави дека наскоро се очекува и пристигнување на оклопните возила „Страјкер“, исто така од американско производство, со што значително се зголемуваат одбранбените капацитети и интероперабилноста со НАТО сојузниците.
На свечената презентација на новите борбени возила присуствуваше највисокиот државен и воен врв, вклучувајќи го премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски. Присуството на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, го потврди стратешкото партнерство меѓу двете земји во областа на одбраната.
Премиерот Мицкоски истакна дека вложувањето во Армијата е влог во траен мир и заштита на татковината. Тој ја нагласи важноста на модернизацијата и посочи дека Владата, во соработка со САД, има потпишано седум нови договори за набавка на опрема за специјални сили, беспилотни летала и опрема за сајбер заштита.
Мицкоски ја поврза модернизацијата на Армијата со стратешката важност на Коридорите 8 и 10, кои, според него, претставуваат клучна логистика за јужното крило на НАТО. Амбасадорката Агелер истакна дека новите возила се олицетворение на постојаната американска поддршка за одбранбените способности на Северна Македонија.