Македонија

Арсовска: Бујар Аземи – сопственик на дивоградбата во Чаир без проект и комуналии, приклучена на диво на струја

Арсовска: Бујар Аземи – сопственик на дивоградбата во Чаир без проект и комуналии, приклучена на диво на струја

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска преку објава на својот профил на Фејсбук го посочи Бујар Аземи како сопственик на, како што вели, „небезбедна и незаконски изградена зграда“ во општина Чаир, која вчера беше во фокусот на јавноста.

„Запознајте го Бујар Аземи, сопственикот на небезбедната зграда изградена без документација, без одобрение за градење, без проект, без платени комуналии, на 12 спрата и со досега пребројани 61 стан“, напиша Арсовска, обвинувајќи дека станбениот објект се обидува да се легализира со фалсификувана документација, наводно поддржана од функционери на општината Чаир.

Според Арсовска, вчера сопственикот бил затекнат додека се обидувал нелегално да ја приклучи зградата на водоводната мрежа, а објектот, како што тврди, веќе бил приклучен на електрична енергија без дозвола. Притоа, таа информираше дека биле упатени „сериозни закани“ кон неа и вработени од Град Скопје, за што веќе е поднесена пријава до Министерството за внатрешни работи.

„Денес до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција доставуваме уште еден предмет со илјадници страни фалсификати и злоупотреби од Општина Чаир“, стои во нејзината објава, во која тврди дека во случајот се инволвирани повеќе лица од локалната самоуправа, меѓу кои ги спомнува Висар Ганиу и Ејуп Адеми.

На крајот од пораката, Арсовска упати критика кон институциите, истакнувајќи дека „во нормална држава, надлежните веднаш би реагирале“, но, како што вели, во моменталната политичка состојба, без институционална поддршка, се чувствува оставена сама.

Од Општина Чаир засега нема официјален одговор на обвинувањата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни