Во жестока реакција на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од Град Скопје го обвинија лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, дека активно ја саботира реформата на јавниот превоз, која, како што тврдат, заедно ја ветил пред скопјани. Според нив, Мицкоски и неговите „советници“ во Советот на Град Скопје го довеле јавниот превоз во колапс.
„Мицкоски, ти не гласаш за нови автобуси затоа што побарав сите партии во советот на Град Скопје да се вклучат во избор на спецификација и услови за набавка, ама така ти „патриоту“ Мицкоски нема да можеш да преговараш со производители на автобуси како што правеше на почетокот на мандатот кога за тебе бев најдобриот менаџер во Европа“, велат од Град Скопје.
„Ајде, ’патриоту‘ Мицкоски, одлучи се: дали сум најдобриот менаџер во Европа кого ти и твоите мицковистички полтрони во Советот го саботирате, или сум најлошиот градоначалник, твој избор, кој го молеше да го поддржиш бидејќи твоите кандидати не ти беа доволно ’градски луѓе‘?“, стои во соопштението.
Градските власти го обвинуваат Мицкоски за неискреност и недоследност, истакнувајќи дека јавноста веќе сфатила дека на неговите зборови не може да се верува. „Истото го видовме кога зборуваше за враќање на името на Македонија, истото и за уставобранителите, а сега и за ЈСП“, наведуваат од Градот.
Особен акцент е ставен на нафтената криза во ЈСП, каде што, според реакцијата, Мицкоски преку директорката на ЈСП, Богева, го поништил тендерот за набавка на нафта. „Така креираш криза од која сега ќе се обидеш да не спасиш!“ се вели во соопштението.
Со оваа порака, Град Скопје упати јасна критика кон Мицкоски, обвинувајќи го дека неговите постапки се насочени кон предизвикување криза со цел да профитира политички.