Македонија

Арсовска: Нови 20 предмети за нелегални згради предадени во обвинителство – деца од 5 години користени за легализација

Арсовска: Нови 20 предмети за нелегални згради предадени во обвинителство – деца од 5 години користени за легализација

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, информира дека до Основното јавно обвинителство се испорачани нови 20 предмети поврзани со сомнителни легализации на згради во општина Чаир. Според Арсовска, станува збор за случај во кој одговорни лица, со години користеле фалсификувани документи и бројчиња за легализации, со цел да изградат небезбедни објекти и да заобиколат законски обврски.

„Се започнува така што одредени лица – газда Вики и газда Ики – градат нова небезбедна зграда, а за да заштедат на проекти и комуналии, користат стари бројчиња за легализации. Законот не дозволува легализација на цели згради, па тие наоѓаат неколку лица, најчесто деца, на чие име ги запишуваат објектите,“ наведува Арсовска.

Посебно алармантно, според неа, е што во документацијата стои дека децата, кои денес се полнолетни, барањата за легализација ги поднеле во 2011 година, кога имале само 5, 6 или 10 години – што е очигледен фалсификат. „Овие деца се наведени како градители на милионски објекти, во време кога не можеле ни правно, ни финансиски да изведат такви работи,“ додава таа.

За случајот е отворен посебен предмет во Обвинителството, со цел да се провери како дошло до фалсификување на архивската книга за легализации и да се утврди кој стои зад овие нелегални активности. Арсовска истакнува дека сите овие лица, чии имиња се злоупотребени во постапките, ќе бидат сведоци во истрагата.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни