Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на Фејсбук предупреди за алармантната состојба со потрошувачката на вода во главниот град. Според неа, секој жител во Скопје просечно троши дури 700 литри вода дневно, што претставува рекордна вредност.
Арсовска информира дека во текот на еден ден се откриваат и до 30 диви приклучоци, односно корисници кои нелегално се приклучуваат на водоводната мрежа без да плаќаат за потрошената вода.
„Секој ден се фаќаат по 30 диви приклучоци, а истите ни денар не плаќаат и затоа нерационално трошат, бидејќи водата ја добиваат за џабе, а МВР не постапува,“ – истакна таа.
Во објавата, Арсовска директно апелира до Министерството за внатрешни работи:
„Бараме МВР да постапува! Ако можете по службена должност да поднесувате кривични пријави за оние што крадат струја од ЕВН – приватна фирма, тогаш можете и за тие што крадат од ЈП Водовод и канализација, за да си наводнуваат цели ниви, за дивоградбите, за полнење базени со основниот природен ресурс – водата за пиење.“
Таа додава дека само во изминатиот месец, дневната потрошувачка на вода достигнала 356.000 кубни метри, што според неа е пресметано како 700 литри дневно по жител, бројка која сериозно ја надминува просечната потрошувачка во европски рамки.
Арсовска бара одговорност и итна акција од институциите за справување со нелегалните приклучоци, кои, според неа, не само што го нарушуваат системот, туку и ја загрозуваат безбедноста на водоснабдувањето за сите граѓани на Скопје.