Арсовска со отворено писмо до Мицкоски, го повикува и замолува да најдат решение за јавниот превоз

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, испрати отворено писмо до премиерот и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, каде го повикува и бара советниците на Скопје да ги вразуми во своите постапки, за граѓаните да не станат заложници на 23 лица во Советот.

Арсовска смета дека Владата има средства, капацитет и политичка волја да ги плати долговите кон ЈСП од 8 милиони евра, кон Хигиена од 2,5 милиони евра, но и кон Дрисла, на која, како што пишува, само Клиничкиот центар и должи 1 милион евра, како и долговите кон Водовод и канализација на кои им должат милионски суми. За јавниот превоз, Арсовска го предлага следново:

-Ве замолувам, како претседател на Владата доколку не можете да ги убедите советниците во град Скопје да гласаат за набавка на нови автобуси, тоа да го направите вие. Набавете автобуси за главниот град. Доколку Владата нема средства за оваа намена, ние сме подготвени, а со одлука на Советот на Град Скопје, да ви ги префрлиме потребните средства на посебна сметка, а вие да ја спроведете набавката-стои во писмото.

Арсовска го затвора писмото со предлог доколку ова е прифатливо, на 4 септември да се закаже вонредна седница на Советот на Град Скопје на која би се одлучувало за набавка на 250 нови еколошки автобуси, додека Мицкоски како претседател на ВМРО- ДПМНЕ преку советниците, да ги предложи условите за набавка на автобуси, начинот, динамиката и финансирањето.

Пред објавувањето на овој допис претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски единствен спас за градот Скопје и скопјани е градоначалничката Арсовска да поднесе неотповиклива оставка, а министерот за локална самоуправа посочи и дека градоначалниците на Скопје се подготвени да иницираат законски измени за управувањето со градот.

Инаку на вчерашната седница на Советот на Град Скопје, за набавка на автобусите гласаа 20 советници од други партии, петмина беа воздржани, а голем број од советниците на ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гласаа, така што предлогот не помина.