„Конечно, режимот на Асад падна. Овој режим брутализираше, мачеше и уби буквално стотици илјади невини Сиријци“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
Според него, ова е момент на „историска можност за долготрпеливиот народ на Сирија да изгради подобра иднина“, но додава дека ова е и момент на ризик и неизвесност.
Поранешниот претседател на Сирија, Башар Асад, сега е со членовите на своето семејство во руската престолнина Москва, откако доби азил од Русија.
По речиси четвртина век на чело на режимот за потиснување на слободата во Сирија, Башар ал Асад побегна откако бунтовничките фракции влегоа во сирискиот главен град Дамаск. Заминувањето на Асад во непознат правец се случи во најголема дискреција, забележува Франс прес. Тој вчера вечерта во 22 часот полетал со приватен авион од меѓународниот аеродром во сириската престолнина. локално време.
Низ Сирија, противниците на Асад се радуваат што неговиот режим паднал, а на некои места ги уриваат статуите на него и на неговиот татко. Во Дамаск граѓаните влегле во резиденцијата на Асад, која претходно била ограбена. Во претседателството беше запалена една од салите.
По падот на Асад од власт, сирискиот премиер Мохамед Гази Џалали увери дека неговата влада посегнува до опозициските сили и е подготвена да ги предаде своите функции на преодна влада, пренесе Асошиетед прес.