Со честитка упатена до граѓаните на Решпублика Македонија по повод потпишаниот Протокол за членство на Македонија во НАТО, министерот за економија Крешник Бектеши ја започна прес конференцијата на која ги претстави мерките и активности содржани во годинешната Програма за развој на туризмот.
„Ефектите од отворените врати на НАТО веќе почнаа да се чувствуваат, а приклучувањето кон НАТО семејството ќе донесе уште многу бенефити за нашата држава. Во туризмот, како најбрзорастечка гранка од економијата, успеавме да забележиме одличен успех – наместо до 2020, ние во 2018 ја оствариме зацртаната цел – надминувајќи ја бројката од 1 милион туристи, со 3 милиони ноќевања. A влезот на Република Македонија во НАТО ќе значи и отстранување на последната бариера што често пати е споменувана од странските туристи кои ја заобиколувале нашата земја, а тоа е прашањето околу поголема сигурност и безбедност. Тука би ги додал и засилените инвестиции во туристичката инфраструктура, што секако ќе придонесе за уште поинтензивен развој на туристичкиот сектор“, рече Бектеши.
Тој потсети дека во последниве години, Владата на Република Македонија покажа дека туризмот е еден од главните приоритети, а сите вложени мерки во неговиот развој даваат позитивен резултат: постојано зголемување на бројот на странските туристи и бројот на туристите, воопшто, а паралелно на тоа и бројот на ноќевањата.
И годинава ќе се продолжи со Програмата за поддршка на домашен туризам преку организирање на одмор на работници со ниски приходи, за која се обезбедени 20.000.000 денари, со што ќе им се овозможи на лицата на кои месечните приходи во семејството не го надминуваат нето износот од 22.000 денари, да искористат годишен одмор во туристичките центри во државата, а во исто време ќе им се помогне на туристичките центри за зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона.