Веќе речиси два месеца, од 23 април наваму, во Општата болница во Велес нема постојан очен лекар. Офталмолошките прегледи се вршат со помош на специјалист кој доаѓа од Скопје двапати неделно, што сериозно го забавува издавањето потврди за преглед – задолжителен документ за упис во прво одделение за учебната 2025/2026 година.
Ова предизвикува загриженост кај родителите, особено што според евиденцијата, околу 630 деца од Велес и околните општини Чашка и Градско треба да добијат лекарско уверение.
– Со ова темпо, не веруваме дека сите ќе бидат прегледани до крајот на август – коментираат родители.
Од болницата појаснуваат дека моментално имаат само еден офталмолог, ангажиран од Клиниката за очни болести од Скопје. Тој е присутен секој вторник за редовни прегледи и секој петок специјално за децата кои се подготвуваат за запишување во прво одделение.
– Бидејќи интересот е голем, а еден лекар не може да прегледа толку пациенти, пред еден месец испративме барање до Клиниката за очни болести за дополнителен специјалист, вели д-р Ванчо Граматов, портпарол на велешката болница. – Очекуваме одговор, а потоа и согласност од Министерството за здравство. Доколку добиеме втор лекар, сите деца ќе бидат прегледани навреме. Ако не, ќе се зголеми бројот на термини за преглед – додава тој.
Додека родителите се надеваат на побрза реакција од институциите, останува неизвесно дали секое дете ќе успее навреме да добие потребниот документ за упис.