Проектот „Безбеден град“ официјално ќе биде пуштен во работа од 1 февруари 2026 година, потврди Министерството за внатрешни работи, пренесе „360 степени“. Ова значи дека системот нема да започне со функционирање на првично најавениот датум – 1 јануари 2026, туку неговиот старт се одложува за еден месец.
Како што наведува „360 степени“, ваквото поместување укажува дека МВР има потреба од дополнително време за тестирање и калибрирање на новиот безбедносен систем. Одложувањето доаѓа и по нивното новинарско тестирање, кое покажало дека системот сè уште не е целосно подготвен за работа.
Од Министерството засега не прецизираат детали околу досегашните резултати од тестирањето, но уверуваат дека проектот ќе биде ставен во функција дури кога ќе биде технички стабилен и целосно функционален.
„Безбеден град“ е еден од најавуваните клучни проекти за дигитализација и подобрување на јавната безбедност, кој опфаќа имплементација на нови системи за видео-надзор, автоматски препознавачки технологии и брза комуникација помеѓу службите.
