Македонија

Биљал Касами најголем донатор на коалицијата „Можеме“ – ВМРО-ДПМНЕ со над 530.000 евра донации, ДУИ со 74.000 АА и ДПА со 1.000 евра

На листите на донаторите на партиите се пратеници, министри, градоначалници, поранешни и актуелни функионери. Коалицијата „Можеме“ за овие избори собрала над 14 милиони денари или нешто повеќе од 230 илјади евра.

На листата на донаторите се над илјада лица, но најмногу средства за кампањата уплатиле Фаница Николовска и коалицискиот партнер Биљал Касами по 180 илјади денари, а Касами дополнително уплатил уште 10 илјади денари со што стана и најголем донатор на коалицијата „Можеме“. 

„Меѓу оние кои донирале високи суми се и премиерот Оливер Спасовски, министрите Никола Димитров, Радмила Шекеринска, потпретседателот на партијата Мухамед Зекири,како и пратеникот Панчо Минов и тоа по 170 илјади денари. Кампањата ја помогнале 5 фирми кои ги донирале своите услуги во вредност од околу 100 илјади евра“, истакна репортерката на ТВ21.

Сепак најмногу донации собрала ВМРО-ДПМНЕ. На партиската сметка легнале над 33 милиони денари или нешто повеќе од 533 илјади евра. На листите на донаторите на ВМРО-ДПМНЕ се пратеници и поранешни функционери, а сумата на донирани средства се движи од 10 илјади, па дури и до 750 илјади денари.  Токму Игор Пармаковски е тој што уплатил најголема сума од дури 12 илјади евра, потоа Моника Попчева, Весна Николоска, Крешимир Павиќ и Ана Стаиќ со донација од над 5 илјади евра.

Од познатите личности кои фигурираат во донаторите се пратеничката Благица Ласовска, Ане Лашковска, како и Драган Ковачки кој пред Чулев беше предложен за технички министер за внатрешни работи, но на списокот донатори го нема партиското раководство. На списокот на оние кои вложиле се и 9 фирми кои со своите услуги со вкупна сума од 35 илјади евра ја помогнале изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

„ДУИ пријавила нешто повеќе од 4 милиони и 500 илјади денари или околу 74 илјади евра во која сума се и милион денари приход  од членарина, а од нив 33 илјади денари донации се во услуги“, додава репортерката на ТВ21.

Како донатори се јавуваат 15 лица од кои најмногу пари уплатиле Башким Мемеди, Ертан Бајрами и Куштрим Газменд сите по 184 илјади и 200 денари или околу 3 илјади евра.

Алијанса за Албанците има само еден донатор со илјада евра, а ДПА добила нешто повеќе од  милион денари, а меѓу донаторите е и лидерот  Мендух Тачи  со над 175 илјади денари. Левица има само една донација од 10 илјади и 700 денари уплатени од Емил Ниами, но според извештајот партијата префрлила пари од сопствената сметка во износ од околу 3 милиони и 500 илјади денари или над 57 илјади евра. Со сосема скромни приливи на пари се и другите партии кои не освоија мандати.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни