Македонија

Бислимоски уверува: Цената на парното греење во Скопје останува стабилна до следното лето

Бислимоски уверува: Цената на парното греење во Скопје останува стабилна до следното лето

Цената на парното греење во Скопје останува стабилна до следното лето, освен ако не дојде до значајна промена на цената на природниот гас, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски. Тој не очекува никакви промени.

– Сега ние во пресметките сме влезени со цена на природниот гас од околу 40-ина евра за мегават час, ако отиде екстремно високо тогаш може да разговараме за зголемување на цената на парното, но, не верувам дека ќе имаме такви драстични промени, така што за цената на парното не очекувам никакви промени, изјави Бислимоски на паузата на состанокот на Експертската мисија TAIEX за транспонирање на законодавството на ЕУ за електрична енергија чиј коорганизатор е РКЕ.

Тој истакна дека Македонија нема да има проблеми со снабдувањето со природен гас.

– Во Македонија природниот гас доаѓа преку т.н. Турски тек, доаѓа од Турција, така што нема никаков проблем за да дојде гасот. Во овој момент некаде нешто помалку од половината од постојниот гасовод е искористен, а во план е да се направи нова интерконекција со Грција која што ќе има далеку поголем капацитет од постојната, така што обезбедувањето на природниот гас во наредниот период нема да биде проблем, посочи Бислимоски.

Беше прашан дали градоначалник на општина може да предложи грејната сезона за основните училишта да почне од 1 ноември наместо од 15 октомври, Бислимоски рече дека тоа е одлука на самите потрошувачи.

– Ние имаме правила за снабдување и компаниите коишто се задолжени за тоа се обврзани да започнат со испорака на топлинска енергија. Сега таму каде што има калориметри не во згради, туку во индивидуални куќи, самиот сопственик може да каже јас сега ќе бидам исклучен, па ќе се вклучам кога ќе биде поладно. Така што, во насока на ова го гледам тоа што го направиле во Општина Карпош. Значи, тоа е одлука на самиот потрошувач, рече Бислимоски.

Во Скопје, моменталните температури се релативно високи, така што не очекува проблеми.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни