Фатмир Битиќи, поранешен вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник, во неделното интервју за Радио Слободна Европа изрази своите размисли и намери поврзани со можна кандидатура за лидер на СДСМ.
„Во овој момент моите проценки, иако секојдневно размислував да се кандидирам за претседател на СДСМ, укажуваат дека првенствено на партијата и членовите не им треба дополнителна фрагментација и групирање. Доволно имаме кандидати за избор и сметав дека додадена вредност во овој момент можеби нема да ја видат. Не сакав исто така да бидам и од стандардната мантра на размислување во нашето општество дека влегуваш во некаква изборна трка за да се договориш за нешто. Не! Ако Фатмир Битиќи со сите негови различности и некогаш со различно мислење, му е потребен на СДСМ затоа што верува во вредностите тој ќе биде и дел од следното раководство, дел од следните органи на партијата. Ако новиот претседател смета дека таков профил не е потребен, моите социјалдемократски вредности никој нема да може да ми го одземе“, вели Фатмир Битиќи во интервју за РСЕ.
Битиќи, кој е дел од политичката сцена веќе неколку години, призна дека секојдневно размислува за можното водење на социјалдемократите, но истакна дека смета дека на партијата моментално не и се потребни дополнителни поделби и групирања.
Иако е свесен дека кампањата за нов претседател на партијата не се одвива во идеални услови, тој пред сè сака да допринесе кон зачувување на единството во партијата и избегнување на потенцијални фракционирања кои би можеле дополнително да ја ослабат.