Битката на Биткоин да се врати над нивото од 90.000 долари веќе не е само прашање на пазарен наратив, туку одраз на сериозни структурни проблеми во функционирањето на пазарот. По историскиот рекорд од 126.223 долари постигнат на почетокот на октомври 2025 година, „црвениот октомври“ донесе драстична промена на динамиката.
Според анализата на CryptoSlate, моменталната намалена ликвидност и падот на „длабочината“ на пазарот за 30% сигнализираат слабости кои би можеле да ги заробат инвеститорите во следниот бран на распродажба.
Мамурлакот по 10 октомври
Пресвртницата се случи на 10 октомври, кога масовната распродажба избриша околу 20 милијарди долари во позиции со финансиска потпора (leverage) на крипто-платформите. Овој настан ја сруши цената на БТЦ за 30% од неговиот врв во 2025 година.
Од тој момент, пазарот не успева да најде цврсто тло.
- Однесување на „китовите“: Големите сопственици го користат секој обид за опоравување на цената за да продаваат, со што го гушат секој потенцијален раст.
- Промена на ризикот: Трговците ги заострија лимитите за ризик. Пазарот стана значително покревок и со намалена способност да апсорбира шокови.
Илузијата на милијардите: Пазарот губи здив
Податоците за волуменот и длабочината на пазарот го потврдуваат негативниот тренд. Според CoinDesk Data, активноста на централизираните берзи во ноември се повлекла на најниското ниво од јуни.
- Вкупен волумен: Комбинираните спот и деривативни волумени паднаа за 24,7%, на 7,74 билиони долари.
- Спот пазар: Пад од 21,1%.
- Деривати: Пад од 26,0%.
Она што најмногу загрижува е т.н. „илузија на билиони долари“. Пазарната капитализација е само математички пресметка, додека ликвидноста е реалната способност тој имот да се претвори во кеш без да се урне цената.
Аларм од Binance: Книгите со налози се празнат
Податоците од Kaiko покажуваат дека агрегираната 2-процентна длабочина на пазарот на Биткоин е падната за околу 30% во однос на врвот.
Ова најдобро се гледа преку податоците од Binance, најголемата светска крипто-берза:
- Октомври 2025: Длабочината на пазарот од 1% надминуваше 600 милиони долари.
- Денес: Таа бројка е падната на помалку од 400 милиони долари.
Кога водечката светска платформа покажува вака „тенки“ книги на налози, станува јасно зошто цената паѓа штом се појави и најмал продажен притисок.
ЕТФ-ови и бегство на капиталот „вон берза“ (OTC)
Дополнителен проблем создава повлекувањето на капиталот од страна на институционалните инвеститори.
- Одлив од ЕТФ: Од 10 октомври, инвеститорите повлекле над 5 милијарди долари од американските спот Биткоин ЕТФ-ови.
- Миграција на ликвидноста: Регулаторните промени на американскиот SEC овозможија создавање и откуп на удели „во натура“. Ова значи дека ликвидноста сè повеќе се сели на пазарите „преку шалтер“ (OTC – Over-the-Counter) и во интерните резерви, далеку од јавните берзи.
Биткоин останува масивен имот во рацете на институциите, но јавниот пазар е механички кревок. Приватната ликвидност (OTC) нема обврска да се појави кога на пазарот владее паника, што ги оставува малите инвеститори изложени на големи ценовни осцилации.
