Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Осомничениот 42-годишен битолчанец вчера во “Новиот пазар“ во Битола, се обидел да лиши од живот едно лице. Му пришол од зад грб додека оштетениот редел роба на тезгата и го нападнал со кујнски нож, при што му задал два удари и убодни рани во грбот и слабината. Двајца сведоци го совладале, па осомничениот се дал во бегство.
Бидејќи постојат и особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот, доколку биде оставен на слобода, ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и дека би можел да го доврши обиденото кривично дело, јавниот обвинител предложи да му биде определена мерка притвор.
„На 10.07.2025 полициски службеници од СВР Битола на ул.„Генерал Васко Карангелески” во комплекс „Нов Пазар” во Битола го лишиле од слобода К.С.( 42) од Битола. Имено, истиот ден Ј.С. (70) од Битола во СВР Битола пријавил дека настанала расправија околу местоположба на тезга со А.Б. (55) од Битола, кој физички го нападнал. Подоцна, според пријавеното, дошол и К.С. (син на Ј.С.) и со остар предмет му нанел повреди на А.Б.. Со возило на Итна медицинска помош Битола А.Б. бил пренесен во Клиничка болница Битола, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. СВР Битола поднесе кривична пријава против К.С. за сторено кривично дело „обид за убиство“ по член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор во траење од 30 дена“, велат од МВР.

