Македонија

Богојески: Со „џандарски“ даноци и блокада на PayPal, државата сама го брка ИТ-капиталот од Македонија

Богојески: Со „џандарски“ даноци и блокада на PayPal, државата сама го брка ИТ-капиталот од Македонија

Лидерот на „Македонски концепт“, Петар Богојески, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4ТВ повлече остра линија помеѓу два дијаметрално спротивни економски концепти во државата. Тој упати жестоки критики до актуелните институции кои преку рестриктивни даночни контроли и ретроактивна наплата на давачки предизвикаа револт и протести кај младите кои заработуваат онлајн од странство.

Одговарајќи на прашањето на водителката за тоа како државата ќе преживее доколку се намалат даноците во услови кога и сега буџетот кубури со пари, а фирмите чекаат поврат на ДДВ, Богојески понуди сосем поинаква логика.

„Актуелното ‘џандарско’ однесување на УЈП и на целиот систем само ги брка парите надвор од земјата. Колку повеќе државата е репресивна и затворена, толку повеќе економијата ќе осиромашува и на крајот ќе колабира. Тоа е чист комунизам и левичарски менталитет. Наспроти тоа, нашиот десен концепт нуди отворена држава. Кога ќе ги намалиме даноците, сите тие млади луѓе масовно ќе го внесат капиталот дома, ќе се зголеми потрошувачката, а со тоа ќе експлодира и економската активност во буџетот“, дециден е Богојески.

Богојески застана во директна одбрана на ИТ-професионалците и онлајн работниците, користејќи ја метафората за „Трпе пред кооперација“ за да го опише преовладувачкиот менталитет на социјалните мрежи кој го кочи напредокот.

„Не смееме да ги казнуваме и прогонуваме младите луѓе кои работат за американски или европски компании и остваруваат илјадници долари месечен приход. Наспроти нив го имате просечниот социјален ‘хејтер’ кој пред кооперација или на Фејсбук знае сè — и за руски ракети, и за американски бази, и за кинески стратегии. Тој само плука, пцуе и не придонесува со ништо за општеството, но затоа има фрустрација и сака да го избрка успешниот млад човек“, објаснува лидерот на „Македонски концепт“.

Според него, вистинскиот, модерен патриотизам денес има сосем поинаква дефиниција од онаа што ја нуди политичкиот популизам.

  • Слобода на движење: На ИТ-фриленсерот му е сеедно дали ќе работи од некоја грчка плажа, од дома во Скопје или од некоја македонска планина — неговиот пазар е целиот свет.
  • Економски патриотизам: Фактот што тој млад човек одлучил да остане да живее во Македонија и тешко заработените девизи во странство да ги троши во домашната економија е врвен патриотски чин.

Богојески заклучи дека токму во овој судир на менталитети лежи суштината на нивната нова кампања „Твоите пари и твојата слобода“.

„Левичарскиот менталитет е да се мрази и казнува сè што е успешно и што отскокнува од просекот. Ние ја застапуваме десната опција. Се обраќаме токму на тој дечко кој заработува на светскиот пазар и сака да донесе свеж капитал за Македонија да оди напред. Тоа се луѓето кои ги сакаме во нашата партија и на кои им нудиме економска слобода“, заврши Петар Богојески во „Ноќно студио“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни