Металните конструкции (шасии) за мини дампери, наменети за австрискиот пазар, веќе прераснуваат во прецизно дефинирана производствена програма.
Моделот на системот, од суровина до финален производ, кој е во директна корелација со планирањето на производството, проектирањето на производот, се реализира за кратко време.
„Реализацијата на овој проект беше и се уште е голем предизвик за инженерскиот тим. Високите критериуми за квалитет и динамиката на испораки, сами по себе бараат максимална оптимизација и организација на процесот на производство, што е голем мотив на целокупниот тим на „Брако“, да го даде својот максимум за воспоставување на потребната производствена линија,“ велат одговорните од одделот за Производство.
По испорачаните прототипови и нулта серија, за само неколку месеци, „Брако“ започнува со сериско производство и неделни испораки на австрискиот пазар.
„Благодарение на подготвениот инженерски и менаџерски тим, најсовремениот машински парк, просторниот капацитет, по неколку испораки квалитетот беше препознаен и веќе се договорени годишните планови и количини за испораки за околу 400 тона метални конструкции. Во моментов се работи и на разработка на технолошка постапка за уште неколку нови типови на конструкции за градежни машини, чие производство се очекува да започне кон втората половина на оваа година “- истакна проект менаџерот Александар Наумов.